STYLING PORTAL
Маркетинг Контакт

 

 

 

   
1КОСА И ШМИНКА / ANTHONY MASCOLO – TIGI


ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ ЗА STYLING СО ANTHONY MASCOLO – TIGI
Ентони Масколо – интернационален извршен директор на фризерското студио и академијата “TIGI”

anthony

Седиште: “BED HEAD” студио, Батерси, Лондон;
Хороскопски знак: Бик;
Роден на: 27.04.1957 год. во Лондон (неговите родители се со италијанско потекло);
Оженет со Пет Масколо – шминкерка;
Има 3 деца – Џорџина (20), Александра (14) и Џошуа (10);
Живее веднаш до “BED HEAD” студиото со пет мачки и едно куче;
30 - годишно искуство како фризер.

Бојана: Колку време е потребно за да се стане вистински уметник во фризерството?
Ентони: “Вистинскиот уметник“ се раѓа, не се учи! – Да се биде уметник, во принцип и не мора да значи да се биде најдобар, туку да се имаат најдобрите креативни мисли и идеи, и да можеш да ги пренесеш тие идеи во реалноста. Да можеш да создадеш изглед кој има визуелна смисла и атрактивност, за набљудувачот, но и да и прилега на личноста на која сте го креирале тој изглед.
Сум видел ученици со уметничко око, но генерално се потребни пет, па и повеќе години за да се здобиеш со способноста за фризирање, како и да се здобиеш со чувство за тоа од каде да се црпи инспирација и како да се преточат креативните идеи во одреден изглед. Инспирацијата е многу важна. Мора да се биде отворен за идеи од секаде и од сé!

Бојана: Кое е основното нешто на кое ги учите вашите ученици?
Ентони: Во “TIGI” академијата предаваме за нашата нова колекција, која оваа година ја нарековме РИКОШЕТ (RICOCHET), но исто така се фокусираме и на инспирирање на фризерите. Им пренесуваме практично знаење кое ќе можат да го искористат во своите салони, како и идеи кои ќе им се допаднат на нивните клиенти, но исто така и ги предизвикуваме да ја поведат својата работа нанапред и посмело. Јас верувам дека учителот е оној кој најмногу ќе научи. Кога предавате за нешто ново што сте го креирале ќе имате можност да видите како другата личност – стилистот ќе ги интерпретира вашите идеи, како тие ја разбираат информацијата што сте им ја пренеле и како тие ќе ја прилагодат на самите нив. Чувствувате огромно задоволство кога некој од учениците ќе го искористи тоа што го научил и ќе создаде креација што восхитува!

Бојана: Кое е најважното нешто кое се учи во академиите за фризери? Во различни држави има различни академии и многу е тешко за младиот ученик да знае дали е на вистинскиот пат.
Ентони: Не знам многу за академиите надвор од Англија, но би рекол дека секоја обука е добра. Научи се што можеш во академијата, но учи повеќе на своја иницијатива. Разгледувај списанија, следи ги интернационалните модни ревии, користи го интернетот, посетувај уметнички музеи и читај уметнички книги – како современи така и стари изданија; обрни внимание на архитектурата, природата и исто така биди во тек со она што се случува во светот на филмовите, музиката како и се она што е актуелно; следи ги интересите на младите. Тука можеш да ја најдеш вистинската инспирација – а не во училницата.

Бојана: Која е најдобрата техника за шишање што може да се научи? Многу академии имаат различни идеи.
Ентони: Се разбира дека секој сака да има свој сопствен начин на потстрижување ние затоа имаме имиња за нашите техники и сме малку поразлични од другите компании. Важно е најдобро што може да се искористи информацијата и да се адаптира, што ќе ви биде најдобар показател за успешноста на тие техники. Тоа значи дека при потстрижувањето, фризурата не треба да изгледа добро само тогаш кога е направена во салонот, туку и кога самиот клиент ќе ја измие косата, па дури и по 6 недели да го има истиот добар облик како тогаш кога е направена.

Бојана: Што мислите, зошто Лондон стана престолнита на модерната фризура?
Ентони: Лондон е космополитски град. Овде има влијанија од сите нации. Во 60-те имаше многу силно креативно движење.
“SWINGING LONDON” во 60-те го започна ова што го имаме денес. Имаше прогресивна музика што восхитуваше – и тоа сеуште се случува – имаше одлични дизајнери и се разбира Vidal Sassoon, кој беше еден од двигателите на “уметничкото движење“. Неговите геометриско – базни стилови беа сосема нови. Тие доведоа до „раѓање“ на многу нови фризери: Тони Рицо (Tony Rizzo), Тревор Сорбие (Trevor Sorbie), Ники Кларк (Nicky Clarke), Даниел Галвин (Daniel Galvin) и многу други кои сега работат на интернационално ниво. Потоа тука е и мојата фамилија која дојде во средината на 70-те и не само што отвори многу салони, туку и основаа силен уметнички тим и едукативен систем. Во нашиот случај ние бевме инспирирани од женственоста на италијанските и острината на англиските жени, поради што нашата работа се разликуваше од работата на Vidal Sassoon. Од тогаш се појавија и други групи и едукацијата се разви на многу високо ниво. Исто така во 70-те години човекот по име Ренато Брунас од Ренбоу почна да организира ревии за фризури со што им овозможи на тогашните фризери да ги изложат своите креации, кои сега се едни од најдобрите во светот. Овие ревии те тераат да ја предизвикаш својата креативност, а исто така и да истражуваш, со што твојата работа расте и напредува. Лондон отсекогаш бил експериментално место.

Бојана: Што повеќе те привлекува – фотографијата или наставата? И зошто?
Ентони: Искрено, сега ја сакам фотографијата бидејќи ме инспирира. При фотографирањето можам да им наложам на моите најдобри фризери да креираат одлични фризури со нашите производи. Јас сум одговорен за комплетниот имиџ на “TIGI”. Секоја година доаѓам до нови идеи за меаркетинг и рекламирање на “BED HEAD”, CATWALK и S – factor.
Дали фотографирањето ќе биде во студио или на некоја друга локација е исто така моја одлука, работам и со стилисти за гардероба, а мојата сопруга Пет е задолжена за шминката како и за комплетниот изглед на моделите. Понекогаш работам и некоја од фризурите. Тоа е она што најмногу го сакам. Имам мал, но одличен тим фризери кои работат со мене, а тие истите ја спроведуваат и едукацијата на студентите.

Бојана: Каде ја наоѓаш инспирацијата за твојата работа?
Ентони: Од секаде. Јас сум „буден“ – тоа е она што е важно. Понекогаш ја добивам од тимот, понекогаш од мојата ќерка која е студент на уметност, од нејзината музика, гледам и многу MTV, а исто така може да биде и од филмови. Многу често се случува некој друг фотограф да „откачи“ некоја идеја за снимање, а потоа ние да работиме на фризурите со што една авангардна идеја може да се скрати и искомерцијализира.

Бојана: Кој вид на женска убавина ти се допаѓа? Дали имаш омилен модел?
Ентони: Мислам дека нема некој посебен вид на жена што ми се допаѓа. Ми се допаѓа кога жените изгледаат женствено, што значи нивната коса никогаш не треба да изгледа премногу строго – жените треба да бидат „меки“... Кејт Мос е супер!

Бојана: Како го поминуваш слободното време? Дали имаш хоби кое не е поврзано со твоите професионални активности?
Ентони: Имам три деца, така што сум многу зафатен. Моето семејство е моето најважно „хоби“, но имам и неколку страсти:

  • Челзи – сум бил на сите натпревари на домашен терен, обично одам со Џошуа кој има 10 години;
  • Скијање – одам 2 – 3 пати во годината;
  • Лежење на тропска плажа со мојата сопруга – еднаш во годината одиме сами со сопругата, а во летниот период одиме заедно со децата;
  • Многу сакам да готвам и да јадам – сакам италијанска и јапонска кујна...


1


 

STYLING Magazine
TIGI
Toni&Guy
Sasson
 
 

STYLING PORTAL Worldwide:

United Kingdom Serbia Croatia Montenegro Bosnia & Hercegovina
USA Canada Slovenia Italy

 
 

 

Copyright 2007 by Bonik Production! All rights reserved