Првутот е состојба на скалпот која може да се контролира со различни методи. Има ефикасни шампони и продукти за третирање и спречување на појавата на првут.
Првутот може да биде многу непријатна состојба која се појавува кај голем број луѓе. Може да предизвика недостаток на самодоверба и смелост.
Има повеќе третмани и чекори кои треба да се превземат за да се спречи појавата на првут. Прв чекор во неговото лекување и спречување е запознавањето со тоа што е првутот и што го предизвикува.
Првутот е дефиниран како проблем на кожата на главата (скалпот) што се појавува заради прекумерно лупење на мртвото ткиво.
Постојат два вида на првут, и тоа мрсен и сув првут. Лицето со мрсен првут има премногу активни масни жлезди околу коренот на влакното. Оваа преголема активност предизвикува природниот процес на лупење да се забрза, со што резултира со крастав скалп, мрсна коса и прекумерно лупење.
Проблемот кај сувиот првут е што жлездите се затворени и тоа доведува до „млитав“, сув изглед на косата и појава на суви лушпи од мртва кожа.
Многу често кога на скалпот има првут, постои и присуство на габа која е наречена P. Ovale. Оваа габа не секогаш го предизвикува првутот, но меже да биде предизвикана токму од самата појава на првутот. Вистинските причинители на првутот не се познати. Може да биде предизвикан од слабата функција на масните жлезди. Иако причините за појавата на првут не се познати, постојат третмани против првут и методи што помагаат да се спречи неговата повторна појава.
Некои од третманите им помагаат на одредени луѓе, а на некои не. Се зависи од личноста, па затоа доколку се обидете со некој третман или производ и тој не ви помогне не треба да се обесхрабрувате. Треба да пробувате разни производи и третмани додека не ја постигнете посакуваната цел.
Пробајте да користите шампони кои содржат ќумур, катран или салицилна киселина. Некои истражувања предлагаат да се користат шампони кои содржат сулфур, селениум сулфид или пиритион цинк. Шампоните кои во својот состав содржат катран помагаат во успорувањето на производство на кожни клетки на скалпот. Шампоните со салицилна киселина помагаат во отстранувањето на овие клетки. Сите овие шампони исто така ја контролираат појавата на габата P. Ovale, која ја потпомага појавата на првутот. Доколку првутот е многу застапен, а сите овие шампони не помагаат во негово отстранување, тогаш треба да се консултирате со лекар за кожни болести.
Секојдневното шампонирање помага во третманот против првут. Се препорачува и темелна масажа на скалпот со што ќе се отстранат мртвите клетки. Се препорачува исто така и наизменична употреба на обични шампони и шампони против првут за да се спречи прекумерното сушење на кожата на скалпот.
Додека траат третманите за лекуваше на првутот, потребно е да ги конзумирате и следниве додатоци кои помагаат во природното лекување на првутот: пилули кои содржат цинк, витамин Б6, Б-комплекс, витамин Е и масло од лосос. Други важни додатоци се: бета – каротенот, витаминот А и лецитин.
Најважно е да бидете упорни без разлика кој метод на лекување ќе го изберете. За сите третмани потребно е подолго време за да се видат резултатите. Оваа појава неможе да се излекува преку ноќ, па затоа не откажувајте се! Кога ќе одберете третман кој ви одговара, продолжете со негово користење додека не го забележите подобрувањето. |